Кога бебето ќе го напушти темното и пријатно место каде што поминало 9 месеци и се родило, одеднаш се наоѓа во светол и бучен нов свет. Се прашувате како го гледа тогаш. Краток одговор - речиси никако, всушност многу матно и нејасно. Но, многу брзо тоа ќе почне да се менува.
Во првите шест месеци видот на бебето се развива брзо, а тоа е логично со оглед на фактот дека неговиот развој е тесно поврзан со развојот на мозокот во овој период. Како што созрева мозокот, така расте и развојот на видот кај децата.
Што влијае на развојот на видот?
Окото е сложен орган чиј развој е под влијание на многу фактори. Овие фактори можат да потекнуваат од надворешното опкружување, но можат да бидат и внатрешни, односно се однесуваат на снабдувањето на организмот на бебето со хранливи материи.
Многу важни хранливи материи кога станува збор за нормален развој на видот се омега-3 DHA масните киселини.
Ретината е составена од нервни ткива. Тоа е најдлабокиот слој во човечкото око, кој е фотосензитивен. Ретината реагира на зраците на светлината кои влегуваат во окото и нејзината улога во системот на видот е исклучително важна. Сите упадни светлосни зраци кои се собираат во мрежницата се трансформираат и се пренесуваат преку оптичкиот нерв до мозокот, кој го претвора импулсот во слика.
Овој уникатен слој на окото се состои од десет слоеви. Еден од нив се состои од фоторецептори. Токму DHA, омега-3 масните киселини се една од главните градливи материи на фоторецепторите (35-50%).
Развој на видот во првите месеци
Во најраниот период, во првите два до три месеци од животот, бебето ќе почне да препознава лица. Сепак, знајте дека во овој период неговиот вид се уште е заматен. Ако бебето е родено предвреме, ќе биде потребно малку повеќе време да се фокусира на вашето лице.
Иако не може со сигурност да се каже колку бебињата можат да ги разликуваат боите во овој најран период од животот, сигурно е дека тие можат да разликуваат нијанси. Токму поради стимулацијата на видот и развојот на мозокот, предност треба да се даде на мебел и опрема во контрастни бои и во различен дизајн при опремување на детската соба..
Бебето гледа се подалеку
По третиот месец ќе забележите како бебето полека почнува да следи се што се случува околу него. Како што одминува времето, веќе околу третиот или четвртиот месец, тоа ќе може да види што се случува неколку метри подалеку, за да може да ги следи настаните на спротивниот крај од собата. Така тоа почнува да гледа понатаму. Оваа способност ќе продолжи да се развива до првиот роденден.
Бебето следи со очите
По четвртиот месец, бебето ќе може да ги следи движењата кои се побрзи и да воочува длабочина. Иако координацијата рака-око сè уште не го дозволува тоа, бебето ќе се обиде да ги фати предметите што се движат пред неговите очи. Во еден момент ќе успее во тоа, а со текот на времето ќе го прави полесно и покоординирано.
Очите се движат истовремено
Можеби еден од највозбудливите моменти кога станува збор за развојот на видот е фазата кога очите на бебето почнуваат да се движат истовремено, бидејќи токму тогаш се развива перцепцијата за длабочина. Почетокот на оваа фаза се очекува и во периодот кога бебето е на возраст од 3 до 4 месеци.
Овој значаен настан е возбудлив токму затоа што новите промени му овозможуваат на бебето конечно да го препознае вашето лице многу појасно отколку што можеше порано.
Омилената боја
Во текот на првата година, бебето ќе почне да забележува бои, особено црвена и зелена, покрај нијансите. Таа дури може да претпочита одредена боја од другите што ги гледа.
И додека тоа маѓепсано гледа во свеќата на нејзината прва роденденска торта, знајте дека таа тогаш го гледа светот околу себе исто како возрасните околу неа кои во тој момент пеат „Среќен роденден“.
Извори:
www.whattoexpect.com
www.aoa.org