Многумина од вас ќе слушнат за ова нарушување за прв пат. Малку се знае и се зборува. Дали е полесно детето да се нарече непослушно, непристојно или да му се даде разбирање и помош...?
Нарушувањето на вниманието и концентрацијата е вообичаено нарушување, а во голем број се јавува кај натпросечно интелигентни деца. Тешко се справуваат со тоа, особено ако немаат помош од семејството, наставниците и експертите. Тие не знаат како да го фокусираат своето внимание на задачата. Воопшто не е лесно! Се среќаваме со хиперактивност во нашиот секојдневен речник. Колку пати сте му кажале на вашето или на туѓо дете дека е хиперактивно? Дали грешите? Дали разиграноста и хиперактивноста се иста работа? Како да се справите со нарушување наречено АДХД? Психологот Трпимир Јаковина дојде на помош на тимот на Ordinacije.hr и одговараше на прашања поврзани со ова нарушување..
Што е хиперактивност и како можеме да ја препознаеме кај деца?
Нарушувањето на вниманието со хиперактивност, познато и како ADHD (од англ. Attention Deficit Hyperactivity Disorder), е едно од најчестите невро-развојни нарушувања во детството и адолесценцијата. Ова нарушување вклучува зголемена моторна активност на детето, која е придружена со несоодветно развиено и лесно отстранливо внимание и ненадејни, непредвидливи и импулсивни реакции. Таквото дете е немирно на училиште, ги вознемирува другите во работата, не може да ја заврши ниту наједноставната задача, невнимателно е, постојано е во неволја, има променливо расположение, раздразливо е, не може да одржува пријателства итн..
Хиперактивноста често се меша со разиграноста, како да се направи разлика?
Родителите и наставниците често ја мешаат хиперактивноста со разиграноста, нормалното однесување на активно дете од предучилишна возраст или некој друг психолошки или здравствен проблем што може да предизвика однесување слично на ADHD. Затоа, важно е мултидисциплинарен тим од експерти да учествува во дијагнозата на ADHD. За да се постави дијагноза пореметување на вниманието со хиперактивност, важно е детето да покаже шест или повеќе симптоми кои траат најмалку шест месеци во две или повеќе средини (на пр. училиште/градинка и дом) и се појавуваат пред седумгодишна возраст. Неопходно е да се појават симптоми од кругот на симптоми на невнимание (на пример, детето често не ги следи упатствата, има потешкотии да го задржи вниманието, има потешкотии да организира активности, често избегнува задачи, губи работи, се расејува од надворешни дразби итн.); а од кругот на симптоми на хиперактивност - импулсивност (не може да седи мирно, трча или се качува прекумерно, зборува прекумерно, често „скокнува“ со одговори пред да се заврши прашањето, често ги прекинува или вознемирува другите итн.).
Како да се справите со хиперактивно дете?
Хиперактивните деца често претставуваат проблем за околината (училиште, група пријатели, семејство), но секогаш треба да се има предвид дека самото дете многу страда. Се чувствува неприфатено, не добива доволно поддршка за она што го прави, не ги изразува своите способности, работи под своите можности, не ја задоволува доволно потребата за комуникација и изразување, што резултира со развој на лоша слика за себе и ниска самодоверба. Затоа е погрешно да се казнува хиперактивно дете затоа што е хиперактивно. Не е виновно поради тоа! Со него треба да се постапува со многу трпение, бодрење, толеранција и топлина. Исто така, не е во ред да му кажувате на хиперактивно дете што да не прави и да го збунувате со нејасни и општи пораки како „Биди добар!“, „Смири се!“ или „Престани!“ Пораките што му ги испраќаме мора да бидат афирмативни, директни, лесно разбирливи, едноставни и јасни. За хиперактивните деца важно е да се обезбеди доволно стимулативна средина и да му се понудат поголем број активности, игри, предмети и играчки, кои ќе му бидат привлечни, но и безбедни. Се препорачува што почесто да престојува на отворено - шатор со можност за слободно и безбедно движење.Исто така, важно е родителите да имаат такви деца пред очите за да ги заштитат од потенцијални опасности.
Што предизвикува хиперактивност?
Причината за нарушувањето сè уште не е целосно разјаснета. Меѓутоа, денес со сигурност знаеме дека тоа секако не е недостаток на родителска грижа, прекумерно гледање телевизија или несоодветна исхрана. Хиперактивноста најверојатно е предизвикана од комбинација на генетски, невролошки, биохемиски и еколошки влијанија. Неодамна, ADHD се поврзува со нарушување во метаболичките функции на мозокот. Имено, се покажало дека метаболизмот на мозокот кај хиперактивните деца е за 8 отсто помал отколку кај другите деца. Најголемите разлики се откриени токму во областите на мозокот кои го регулираат вниманието и моторичката контрола.
Како се лекува?
ADHD понекогаш се лекува со лекови, најчесто стимуланси (амфетамини) кои им помагаат на децата да се фокусираат на задачата и да ги намалат проблемите во однесувањето. Поновите сознанија за пониската метаболичка активност на мозокот ја поддржуваат употребата на стимуланси, кои имаат смирувачки ефект врз овие деца. Сепак, како и кај сите лекови, има несакани ефекти: несоница, проблеми со варење, вртоглавица, губење на тежината итн. Најдобри резултати се постигнуваат со т.н мултимодален пристап т.е. истовремена примена на соодветни лекови и различни психосоцијални и психоедукативни пристапи. Исклучително е важно да се едуцираат родителите и околината за природата на нарушувањето, за да може околината што е можно подобро да се прилагоди на детето. Игнорирањето на ова нарушување, како и отсуството на оптимален третман, има погубни последици врз развојот на детето, го попречува неговото образование и формирање во здраво општествено битие..
Каде и на кого да се обратите?
Кај нас (во Хрватска*) нема посебно специјализирани институции кои се занимаваат исклучиво со третман на АДХД, но родителите кои забележуваат некои од симптомите на хиперактивност кај своите деца можат да се обратат во Загребската поликлиника за заштита на децата, Клиниката за детски болести Загреб - психотраума Центар или Специјална болница за психијатрија на деца и младинци.
*Коментар на преведувачот
Проф. Ивана Грбавац
Превземено и преведено од страницата ordinacija.hr